Sunday, October 25, 2009

Осоговски планини

Осоговските Планини се висок и громаден планински масив кој доминира во источниот дел на Република Македонија. Расположен е помеѓу Славишката Котлина на север, Кумановската Котлина на северозапад, Пробиштипско-Злетовскиот басен на запад, Кочанската Котлина на југ, Пијанец на југоисток и Струмскиот басен со Ќустендилската Котлина на исток на територија на Република Бугарија.

Како природна целина која се протега во две држави Осоговскиот планински масив зафаќа вкупна површина од 1.535 км2, од кои на Република Македонија припаѓаат 1.102 км2 или 71.8%, додека на 443 км2 или 28.2% на Република Бугарија. По својата површина е втора планина во Република Македонија по планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина). Највисок врв e Руен (2.252 м), а покрај него уште 5 врва се повисоки од 2000 м.

Осоговскиот планиски масив тектонски припаѓа на српско-македонскиот масив, кој претставува старо копно на Балканскиот Полуостров. Тектонските движења со кои била зафатена оваа планина условиле да биде издигната, раседната и раздробена при што е формирана како хорст. Геолошкиот состав е претставен со прекамбриски метаморфити и палеозојски шкрилци. За време на терциерот се одвивала интензивна вулканска активност, што овозможило создавање на големи резерви на олово-цинкова руда.

Релјефот на Осоговскиот планиски масив е претставен со високи, зарамнети и долги планински била, кои меѓу себе се расчленети со длабоки речни долини, вулкански купи и кратери. Најпознати била се Руенското било, претставува вододелница помеѓу сливот на Вардар и Струма; Соколско било; Калинкаменско било; Костадинечко-лисечко било кое е вододелница помеѓу Пчиња и Брегалница; Лопенско било; Д'лгиделско било и др. Покрај билата значаен релјефен елемент се речните долини кои се одликуваат со клисури. Најпознати се долините на Тораничка Река (извориште на Крива Река), Каменичка, Оризарска Река, Злетовска Река и др.

На врвот „Руен“ (највисок на Осоговските планини) кој се наоѓа на самата граница со Бугарија, може да се искачите главно од два правци, и тоа едниот е од „Царев врв“ до кој е веќе опишано искачувањето, нема маркација, патеката прво ве спушта до преслапот „Ајдучка чешма“ што е најниска точка на патеката, тука на песлапот десно под патеката навистина има чешма со тоа име, потоа го почнувате искачувањето на Руен кое вкупно од Царев врв трае околу 2 часа. Друг правец е преку рудникот „Тораница“. Кога одите од Крива Паланка према Бугарија пред да стигнете до границата вртите десно према рудникот „Тораница“ одалечен вкупно 18 км од Крива Паланка. Од рудникот можете да се искачувате директно на врвот Руен иако нема маркација, или втора подолга но полесна варијанта да се искачувате во правец на седлото меѓу Царев врв и Руен и потоа да одите кон врвот. Зависно од правецот потребни се околу 2-3 часа. За движење во погранична зона потребна ви е дозвола од Министерството за внатрешни работи.